Saturday, December 29, 2007

РЕАЛЕН ЖИВОТ ВО АПСУРДЕН ТЕАТАР

Педесет години актерска работа се врежани на тоа лице, избрчкано, остарено и добродушно. Главата побелена и со по некое немирно влакно кое навестува дека овој човек подготвува премиера. Погледот на Боре Ангеловски продира длабоко во душата на секој кој барем еднаш го сретнал во животот. Нековиот глас поигрува со реалноста, а неговите зборови ќе те натераат да веруваш и во невозможното.

Овој човек може да ве издигне до облаци и оддеднаш да ве тресне во правта со само еден поглед и во само еден миг. Актерскиот, а потоа и режисерскиот живот на македонскиот следбеник на Бекет, е една од најинтересните приказни кои сум ги чула. Неговиот свет се сцената, секојдневните проби и ликовите кои ги оживува и на кои им дава душа во театарот. Во моментите кога тој твори всушност молчи, ја потпира главата со рака, во репетиционата сала на театарот „Чекори“ во Автокоманда. Да се посвети целиот животот на театарот значи да се биде Боре Ангеловски. Да се биде достоен и единствен македонски следбеник на Бекет.

Качен на старата вишна, малиот Боре, со години присуствува на претставите на велешкото семејството Черчиеви. Тука Ангеловски, за прв пат, на чардакот на Черчиеви го гледа вистинскиот театар, за кој вели дека не успеал да го постави на сцена до ден денес. Таткото, мајката и двете ќерки Черчиеви од забава глумат театар незнаејќи дека едно дете постојано ги гледа и преку нив го учи животот и театарот.

Како следбеник на Семјуел Бекет, Макс Фриш, Ежен Јонеско и воопшто следбеник на театарот на апсурдот, овој човек станува жртва на едно време во кое радикални идеи немаат место на сцената. По претставата „Чекајќи го Годо“ во 60- те, Ангеловски е протеран од родниот Велес. Не заминува празен, бидејќи во џебовите на неговите сеќавања се сите ликовите кои ги создал и ги живеел на сцената. Кралот Беранже, Годо, Кралот Лир и сега останати и денес ги гледам како поигруваат во очите на вечно младиот старец. Секоја премиера и сите актери со кои работел имаат своја приказна, некоја анегдота, а нивното прераскажување е секојдневен ритуал и најдобра лекција за младите глумци.

И по четири срцеви удари, жештината и крвта во вените на овој човек се исти како оние на младиот Ангеловски кој во 1974 во Скопје го основа аматерскиот театар „Чекори“. Денес тој секојдневно готви во голем лонец за единственото семејство кое го има. А тоа се околу дваесетина млади актери аматери и кучката Арапка која е дел од магијата наречена „Чекори“. Тој им помага на своите деца во изработката на костимите, сценографијата, па дури и кога самите го поправаат покривот кој тече.

Валентин Манев вели дека Ангеловски му е како татко. Го научил да се однесува на сцената, но и во животот. Манев вели дека и по речиси 20 години познанство со Ангеловски тој се уште го гледа како оној ден кога првпат стапнал во театарот „Чекори“. Го гледа како еден голем човек, кој е полн со љубов кон светот.

Да го слушате Боре Ангеловски како говори е како да ја живеете историјата. Тој во исто време плаче и се смее, во исто време тагува и се радува за сите работи кои поминале. Ги предизвикува актерите да се предадат на претставата, да се посветат на ликот да го живеат мигот. Додека седи во првиот ред на салата, со прекрстени раце и нагрнат со палтото, ги гледа силуетите на актерите како танцуваат по сцената и молчи. Не зборува што размислува во тие мигови, чека да завршат со пробата за да биде строг, но правичен, едноставно да биде вистински глумец и татко.

23.12.2007

Skopje

Elena Ristevska

1 comment:

Anonymous said...

[size=72][color=red][url=http://www.go4you.net/go.php?sid=24]ENTER ON SOFTWARE PORTAL[/url][/color][/size]

[size=46][color=red][url=http://www.go4you.net/go.php?sid=24]DOWNLOAD SOFT![/url][/color][/size]

[img]http://www.istockphoto.com/file_thumbview_approve/4762671/2/istockphoto_4762671-software-box.jpg[/img]

[size=46][color=red][url=http://www.go4you.net/go.php?sid=24]OEM SOFTWARE[/url][/color][/size]

[size=72][color=red][url=http://www.go4you.net/go.php?sid=24]DOWNLOAD SOFTWARE[/url][/color][/size]

[size=72][b]Buy hause software programm to Windows[/b][/size]
[size=72][b]Buy hause software programm on Mac OS[/b][/size]
[size=72][b]Buy hause software Mac OS[/b][/size]

http://www.google.com/